Управител на станица за технички преглед осомничен за проневера на над 41,5 милиони денари
Управа за финансиска полиција поднесе кривична пријава против управител на друштво за технички преглед на возила, осомничен за проневера на повеќе од 41,5 милион денари од јавни давачки наплатени при регистрација на возила. Според пријавата, средствата биле наменети за повеќе институции и организации, а за прикривање на трагите биле извршени и противправни отписи на обврски во износ од над 17 милиони денари.

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против управител на друштво за вршење технички прегледи на моторни возила, поради сомнение за продолжено кривично дело „Проневера во службата“.
Според наводите во пријавата, осомничениот во периодот од јануари 2022 до декември 2025 година, искористувајќи го овластувањето на друштвото, противправно присвоил парични средства наплатени од физички и правни лица при регистрација на моторни возила, кои биле наменети за повеќе субјекти по основ на јавни давачки.
На овој начин, како што информираат од Финансиската полиција, на правниот субјект му била прибавена противправна имотна корист од 41.518.042 денари, на штета на општините, Министерството за животна средина, Службата за помош и информирање, Црвениот крст и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Дополнително, со цел прикривање на трагите, во текот на 2022 и 2024 година биле извршени и противправни отписи на јавни давачки во вкупен износ од 17.090.623 денари. Со тоа, во сметководствената евиденција бил намален долгот кон наведените субјекти и бил прикажан помал износ на обврски по основ на јавни давачки.
