Гаши: Извештајот е објективен
По објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, останува земјава да ги продолжува техничките подготовки за членство во ЕУ. Гаши, смета дека тој е објективен преглед на постигнатите резултати.

Посветеност на реформите, но нема обиди за усвојување на уставните измени. Во правосудството ограничен исчекор, во борбата против корупцијата, статус-кво. Ова е дел од она што го нотираше Европската комисија во извештајот за напредокот на Македонија. Добрососедските односи со Бугарија се од суштинско значење и е потребен дијалог, историската комисија има средби, но не и резултати. Во одредени случаи, не се користи новото уставно име, што може да ги наруши односите со Грција, стои во рапортот. Претставувајќи го пакетот за проширување за идната година, еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Македонија ја зголемила подготвеноста за членство во Унијата и е меѓу земјите-кандидатки со највисоко ниво на усогласеност со европското законодавство.
Документот е реален приказ на досегашните постигнувања, но и на предизвиците што претстојат во процесот на европската интеграција, напиша спикерот Гаши на Фејсбук, откако од евроамбасадорот Рокас го доби извештајот. Тој изрази задоволство што Европската комисија препознала подобрувања во работата на законодавниот дом, особено во однос на усвојувањето на Етичкиот кодекс, Стратешкиот план за периодот 2027 – 2031, зајакнувањето на парламентарниот надзор и постигнатиот меѓупартиски договор за значајни институционални именувања.
„Со целосна сериозност ги прифаќаме и критичките оценки во однос на отсуството на политички консензус за одредени прашања и зголемената употреба на скратените постапки. Овој извештај треба да биде поттик за забрзување на процесот и за докажување дека нашата држава е посветена на европските вредности и стандарди“, напиша Гаши.
Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, попладне во Владата ќе му го врачи и на премиерот Мицкоски извештајот на Европската комисија, а по средбата, двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција.
Милчо Велески
