„Профундис“ и „Камерата“ со заеднички концерт во Македонската филхармонија
Два камерни оркестра од Скопје и Нови Сад ќе се обединат во еден музички ансамбл на концертната сцена во Скопје. „Профундис“ и „Камерата“ на 19 ноември ќе настапат во Македонската филхармонија, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ. На програмата се дела од Ралф Вон Вилијамс, Освалдо Голијов, Стојан Стојков и Жорж Бизе.

Камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје и оркестарот „Камерата“ од Нови Сад ќе одржат заеднички концерт на 19 ноември во Македонската филхармонија. Двата ансамбли ќе настапат како еден голем музички состав, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, основач и диригент на „Профундис“.
Соработката ќе ги обедини искуствата и уметничките капацитети на музичарите од двата оркестра, со цел создавање заедничка музичка целина и поинакво концертно доживување.
Програмата опфаќа четири дела од различни музички епохи и стилови: „Фантазија на тема од Томас Талис“ од Ралф Вон Вилијамс, „Последен круг“ од Освалдо Голијов, „Свита за гудачки оркестар“ од македонскиот композитор Стојан Стојков и „Свита Кармен“ од Жорж Бизе, во оркестарска обработка на Родион Шчедрин.
Според маестра Ѓурѓица Дашиќ, концертот претставува значаен чекор во уметничкиот развој на „Профундис“ и можност за проширување на музичкиот израз преку соработката со оркестарот од Нови Сад.
Со овој проект, „Профундис“ продолжува да развива меѓународни соработки и да ја збогатува концертната понуда.
Концертот ќе се одржи на 19 ноември, четврток, во Македонската филхармонија. Билетите се достапни преку продажната мрежа на МК Тикетс.
