Млади брачни парови до 40 години и самохрани родители ќе бидат ослободени од 60% од комуналиите во Скопје
Град Скопје воведува мерка за финансиска поддршка на младите брачни парови до 40 години и самохраните родители кои сакаат да изградат сопствен дом. Тие ќе бидат ослободени од 60% од комуналиите, односно од делот што му припаѓа на Градот. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги повика и градоначалниците на скопските општини да се приклучат на мерката, со што ослободувањето би можело да достигне 100%.

Младите брачни парови до 40 години и самохраните родители кои сакаат да изградат сопствен дом ќе бидат ослободени од 60% од комуналиите во Скопје. Мерката ја најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, а се однесува на делот од надоместокот за уредување на градежното земјиште што му припаѓа на Град Скопје, за објекти во рамките на Генералниот урбанистички план.
Ѓорѓиевски посочи дека станува збор за мерка со која се обезбедува финансиска поддршка за младите семејства и полесен почеток во решавањето на станбеното прашање. Според него, практиката што претходно била воспоставена во Општина Кисела Вода сега се проширува и на ниво на Град Скопје.
Градоначалникот ги повика и останатите градоначалници на скопските општини да се приклучат со ослободување од нивниот дел од комуналиите. На тој начин, како што посочи, младите семејства би можеле да добијат целосно, односно 100-процентно ослободување од надоместокот.
Мерката ќе стапи во сила веднаш по објавувањето во службените гласила, а образецот за аплицирање ќе биде достапен на веб-страницата на Град Скопје.
