Нов обид за мировен договор
Во пресрет на утрешните трилатерални преговори во Абу Даби, Вашингтон сигнализира напредок во разговорите за безбедносните гаранции за Украина ...

Нов дипломатски обид за ставање крај на војната во Украина. Во пресрет на утрешните трилатерални преговори меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби, Вашингтон сигнализира напредок во разговорите за повоените безбедносни гаранции за Украина. Сепак, американскиот државен секретар Рубио предупредува дека сè уште ништо не е финализирано и дека патот до траен мир останува неизвесен.
„Постигнат е одреден напредок околу тоа како би можела да изгледа безбедносната архитектура по конфликтот. Сè уште ништо не е финализирано, но можеби во Абу Даби ќе биде постигнат дополнителен напредок, Џаред и Стив ќе бидат таму“, изјави Марко Рубио – државен секретар на САД.
Од Москва потврдуваат дека преговорите ќе се одржат без директно учество на европските претставници.
„Станува збор за трилатерални преговори меѓу Русија и Украина, со посредство на САД. Американците имаат свои канали за комуникација со Европа, а Украинците имаат свои канали. Но, повторувам, станува збор за трилатерални преговори“, изјави Дмитриј Песков-портпарол на Кремљ.
Трамп верува дека војната наскоро ќе заврши, припишувајќи си ја заслугата за можниот договор. Сепак, предупреди дека Украина на крајот ќе има малку поинаков облик, а како пречка за мирот ги посочи непријателството и недовербата меѓу Путин и Зеленски.
„Верувам дека војната ќе заврши, и тоа наскоро. А единствената причина поради која ќе заврши е поради мене. Мислам дека ќе постигнеме договор, но Украина на крајот ќе има малку поинаков облик“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Брисел и Киев ги координираат позициите пред преговорите. Фон Дер Лајен повика на прекин на огнот и зачувување на слободата на пловидба во Црно море. Зеленски, пак, предупреди на сериозни проблеми со снабдувањето со енергија и вода по руските напади и најави дополнителна европска помош пред зимата.
„Се разбира, разговаравме и за дипломатијата. Во изминатите денови се водеа разговори во Брисел, каде што нашите тимови завршија добра работа работејќи на план за закрепнување и безбедносни гаранции од Европа. Урсула и јас, исто така, ги усогласивме нашите ставови во врска со средбата во Абу Даби. Правиме сè што е во наша моќ за да обезбедиме трилатералниот формат да даде резултати“ – Објава на Володимир Зеленски-претседател на Украина.
Русија во меѓувреме ги интензивира нападите врз украинската енергетска инфраструктура, додека Киев возврати со напад врз рафинерија во Кириши. Зеленски ја обвинува Москва за засилување на военото присуство на левиот брег на Днепар, прикривајќи го тоа зад хуманитарната операција во Олешки, а Кремљ го обвинува Киев за попречување на мировните напори на Трамп.
Бојана Крстевски
