Исплата на средства
По утринскиот застој од неколку часа, Алта банка почна да врши исплата на готовина на шалтер и во Струмица. Пред експозитурата гужви и нервоза.

Од денеска, Алта банка пари на шалтер исплаќа и во експозитурата во Струмица, пред чија врата имаше постојано гужва.
Граѓаните чекаа и по неколку часа пред вратите на експозитурата во Струмица. Можеа да подигнат до 20.000 денари на шалтер, додека од банкомат готовина до 15.000 денари. Сите беа нервозни.
„Од 8 часот утрово чекаме, многу има гужва.“
„Завршив работа, ама чекав долго.“
„Еве чекаме, пари да земеме“ - велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Нервоза имаше и во претпладневните часови кога банката не вршеше исплата на шалтер, бидејќи се чекала готовина од Скопје.
„Кажаа да чекаме, дека треба да стигнат парите од Скопје.“
„Во банкоматот има пари, внатре нема, кога ќе дојдат не знаеме.“
„Уште од 7 часот сум тука, кажаа дека нема пари“ - велат граѓаните.
По утринскиот застој во експозитурата на Алта банка во Струмица, со соопштение излезе и Народна банка. Соопшти дека состојбата се нормализирала.
„Во експозитурата во Струмица на почетокот на работниот ден имаше краткотрајно доцнење поради логистичка организација, по што исплатата продолжи согласно предвидената динамика“, велат од Народната банка.
Освен во Струмица, исплата на пари на шалтер за денеска најавија и во Тетово, откако минатата недела почна да работи седиштето во Битола.
Алта банка од 1 ноември е под привремена администрација на Народната банка, во времетраење од три месеци.
Ване Трајков
