Што се случува со мажот кога ќе остари? Каде исчезнува љубовта и зошто бракот се претвора во бојно поле на кое детето станува најневината жртва? Што се случува со довербата, но и колку се кревки границите на моќта во семејството – се прашањата кои режисерот Благој Мицевски ги отвора во драмата „Татко“, по текстот на Август Стриндберг, која премиерно ќе биде изведена на 10-ти ноември во Народниот театар во Битола.
Покрај режијата, и сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, кој преку ова класично драмско дело отвора актуелни прашања за односот меѓу мажот и жената, за распаѓањето на семејните односи и за човековата ранливост.
Во центарот на приказната е капетанот, кого го игра Петар Горко, и неговата сопруга Лаура, во интерпретација на Катерина Аневска-Дранговска. Нивниот брачен однос се претвора во психолошка борба во која недовербата и желбата за доминација ги доведуваат во прашање семејството и судбината на нивната ќерка.
Станува збор за психолошка драма со елементи на трилер, која преку сложени човечки односи ја преиспитува границата меѓу љубовта и моќта, но и моментот кога човекот почнува да ја губи контролата врз сопствениот живот.
Своето 82-годишно постоење Битолскиот народен театар ќе го одбележи со претставата „Кориолан“ на Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, со што на 14-ти ноември свечено ќе биде отворено и 12. издание на „Битола Шекспир фестивал“.
Фестивалот ќе трае до 22-ри ноември, а љубителите на делата на Шекспир ќе имаат можност на сцената на Битолскиот народен театар да погледнат претстави од пет држави.
Шекспировите дела со векови ги надминуваат временските и културните граници. Токму таа универзалност е во фокусот на фестивалот, кој и годинава ја става Битола на мапата на меѓународните светски случувања.
Александра Максимовска