Имунизација

Морбилите можат да остават трајни последици врз здравјето на децата

09.11.2026 18:13

Малите сипаници не завршуваат секогаш со повлекување на осипот. Педијатрите предупредуваат дека вирусот може да предизвика сериозни компликации, меѓу кои и трајно оштетување на мозокот, кое може да се појави и неколку години по прележаната болест. Загрижува и нискиот опфат на имунизација. Лани само 62 проценти од децата ја примиле првата доза МРП-вакцина.

Воспаление на белите дробови, ушите, очите, но и на мозокот. Малите сипаници не завршуваат секогаш со повлекување на осипот – вирусот може да остави сериозни последици врз здравјето на децата. Педијатрите предупредуваат – иако се случува ретко, една од најтешките компликации е трајното оштетување на мозокот, кое може да се појави и по седум години од прележани морбили. Постепено го оштетува нервниот систем, доведува до губење на моторните функции и најчесто завршува фатално.

„Може да имаме пациент со менингит, со енцефалит, а има и случаи кои не се само во литературата, ги има во пракса, тоа се паненцефалити. Можат да се случат дури и неколку години по прележани морбили. Дете, ако на една или две години прележи морбили, замислете, може да се случи да добие тешка компликација после седум, осум, па и 10 години. Тоа е еден склерозирачки паненцефалитис“, изјави д-р Мира Атанасовска – педијатар.

И покрај ризикот од сериозни компликации, доктор Атанасова вели дека сè уште има родители кои од неоправдани причини одбиваат да ги имунизираат децата. Дополнителен предизвик за педијатрите во овој период на засилени вирусни инфекции е и препознавањето на морбилите. Инкубацијата може да трае и до две недели, а почетните симптоми личат на настинка.

„Треба да се загрижиме како педијатри, како лекари, за децата кои немаат примено ниту една вакцина. Тие деца би биле најризични. Да не се брза веднаш да се доаѓа на лекар, барем првите три дена. Тоа е непишано правило. Домашна, симптоматска терапија, без посета на лекар, без правење анализи. Да се почека налогот за анализи да го даде матичниот лекар на детето“, додава д-р Атанасовска.

По петте потврдени случаи на морбили во земјава, надлежните дадоа насоки до градинките и училиштата да го проверат вакциналниот статус на децата.

Опфатот на имунизација против мали сипаници со години наназад е под прагот за колективен имунитет. Лани, само 62 проценти од децата примиле прва доза МРП-вакцина. Центар, Карпош и Аеродром се скопски општини со најмногу невакцинирани деца.

 

Андријана Ѓурческа