Димитриеска-Кочоска: Ребалансот е навремена реакција на новите економски околности
Со дополнетиот ребаланс приходите се намалуваат за 5,3 милијарди денари, а расходите се коригираат на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува 46,3 милијарди денари, а се обезбедуваат дополнителни средства за социјални трансфери, здравство и породилни надоместоци.

Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година е навремена реакција на новите економски околности и последиците од глобалната неизвесност, а не резултат на проблеми со ликвидноста. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го пред Собранието предлогот за изменување и дополнување на Буџетот.
Со ребалансот вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, што е намалување за околу 5,3 милијарди денари во однос на првичните проекции. Надолна корекција има и кај расходите, кои се планирани на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува на 46,3 милијарди денари.
Димитриеска-Кочоска појасни дека намалувањето на приходите е последица на владините мерки за намалување на ДДВ и акцизата кај бензините и дизелот, со кои, како што рече, се ублажени последиците од високите цени на нафтата врз животниот стандард на граѓаните и економијата.
Таа уверува дека до крајот на годината се обезбедени средства за редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци, обврските кон стопанството и доспеаните долгови.
Со дополнетиот ребаланс се обезбедуваат уште 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди за социјални надоместоци и 887 милиони денари за здравствена заштита. За Министерството за социјална политика, демографија и млади се предвидени дополнителни 1,8 милијарди денари за поддршка на ранливите категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги, како и 600 милиони денари за редовна исплата на породилните надоместоци.
Корекција има и кај капиталните расходи, поради одложена реализација на дел од проектите, но министерката нагласи дека останува развојната компонента на Буџетот и поддршката на јавните инвестиции.
Продолжуваат вложувањата во одбраната, патната и железничката инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, земјоделството и локалната инфраструктура, како и финансиската поддршка за општините и проектите за рамномерен регионален развој.
