АХВ спроведува симулациска вежба за болеста шап и лигавка, утре теренски активности во струмичко
Во соработка со бугарските ветеринарни служби и Европската комисија, до 12 ноември ќе се проверува подготвеноста за навремено откривање и справување со евентуална појава на заразната болест кај животните. Од АХВ појаснуваат дека станува збор исклучиво за симулациска вежба и нема причина за загриженост.

Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со Бугарската агенција за безбедност на храната и Европската комисија за контрола на шап и лигавка, од денеска до четврток спроведува заедничка тридневна симулациска вежба за справување со оваа заразна болест кај животните.
Целта е да се провери и унапреди подготвеноста на ветеринарните служби за навремено откривање, пријавување и ефикасно справување со евентуална појава на болеста, како и да се зајакнат прекуграничната соработка и размената на информации.
Денеска во Скопје и Софија се спроведуваат видеоконференциски и кабинетски активности со симулирани сценарија за појава на болеста. Утре, во регионот на Струмица, ќе се одржи практичниот теренски дел, во кој учесниците ќе вежбаат употреба на заштитна опрема, клинички преглед на животните, земање и пакување примероци за лабораториско испитување, како и епидемиолошко истражување и примена на биосигурносни мерки.
Во четврток ќе бидат презентирани прелиминарните резултати и согледувањата од вежбата, по што ќе се анализираат подготвеноста и оперативните капацитети на ветеринарните служби.
Шап и лигавка е исклучително заразна вирусна болест која ги зафаќа домашните и дивите чапункари, особено говедата, овците, козите и свињите. Може да предизвика сериозни економски загуби во сточарството и ограничувања во трговијата со животни и производи од животинско потекло.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство нагласуваат дека активностите се исклучиво дел од симулациска вежба и не станува збор за вистинска појава на болеста, па граѓаните и сточарите немаат причина за загриженост.
