Регион

Жртви и десетици повредени во тешка сообраќајна несреќа во Бугарија

10.11.2026 19:51

Сцени на ужас на автопатот „Тракија“ во Бугарија. Најмалку 12 загинати и околу 50 повредени во два верижни судира кај Зимница. Густата магла и влажниот коловоз се меѓу можните причини за несреќата. Спасувачите сè уште работат на теренот, два воени авиони се ангажирани за транспорт на повредените, а болниците повикуваат на дарување крв. Во знак на почит кон жртвите, премиерот Радев ја откажа планираната програма со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

Жртви и десетици повредени. Уништени автомобили, превртени камиони и остатоци расфрлани по коловозот по двата верижни судира кај Зимница, на автопатот Тракија во Бугарија. Спасувачите со часови извлекувале луѓе заробени во смачканите возила, меѓу нив и во товарни камиони и цистерни.

„Повеќе од 70 моторни возила учествуваа во оваа трагедија. Глетката е навистина неопислива. Никогаш во животот немам видено нешто слично“, изјави Георги Чалаков, регионален гувернер на Јамбол.

Најтешко повредените се пренесени во болниците во Јамбол, Сливен и Бургас. Дел се во критична состојба. Меѓу повредените има и странски државјани. За нивниот транспорт до Софија, Владата ги активираше и воените транспортни авиони.

„Изразувам искрено сочувство до семејствата на загинатите во страшната несреќа. Дадов инструкции два воени авиона „Спартан“, со медицински тимови и носилки да бидат пренасочени поблиску до повредените, за да се овозможи нивен транспорт“, изјави Румен Радев, премиер на Бугарија.

Лекарите велат дека состојбата на дел од пациентите сè уште е неизвесна.

„Сè додека не ја процениме нивната состојба, нивниот живот се смета за загрозен. Не знам дали сте свесни, но ова беше исклучително тешка несреќа. Временските услови беа многу лоши. Никогаш во животот немам видено ваква несреќа“, изјави проф. Асен Балтов, лекар во болница во Бургас.

Според првичните информации, намалената видливост можеби придонела за судирите. Возачите раскажуваат дека возилата пред нив се појавувале во последен момент.

„Не знам како се случи. Веројатно возевме со брзина од речиси 100 километри на час. И одеднаш, пред нас се појавија многу автомобили. Наеднаш закочив, но комбето не застана. Понатаму беше навистина застрашувачки. Не знам што се случи таму. Маглата дефинитивно беше многу густа. Не можеше да се види ништо подалеку од 15-20 метри“, изјави учесник во несреќата.

Автопатот „Тракија“ останува затворен во двата правца. Расчистувањето на теренот продолжува, а надлежните предупредуваат дека конечниот број на жртви ќе биде познат по завршувањето на операцијата.

Бојана Крстевски