Сиљановска-Давкова на Парискиот мировен форум: Човештвото е на крстопат
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на отворањето на деветтото издание на Парискиот мировен форум, кој годинава се одржува под мотото „Здружување на силите за она што е најважно“. Таа ќе учествува и на панел-дискусија посветена на суверенитетот во ерата на хибридни закани.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска присуствуваше на отворањето на деветтото издание на Парискиот мировен форум, кој се одржува под насловот „Здружување на силите за она што е најважно“.
Осврнувајќи се на почетокот на форумот, кој беше посветен на децата и нивните пораки за мир, претседателката порача дека нивните желби треба да бидат потсетник за одговорноста на возрасните кон иднината на човештвото.
„Мислам дека по нивните желби сите треба да се засрамиме, некои заради чинењето, а некои заради нечинењето“, наведува Сиљановска-Давкова во објава.
Таа посочи дека е чудно да се зборува за премин од суверенитет кон соработка, додека децата раскажуваат за војни, страдања и нивните желби.
„Човештвото е на крстопат“, порача претседателката.
Во рамки на форумот, Сиљановска-Давкова ќе се обрати на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани“. Предвидено е да присуствува и на свечената вечера во чест на шефовите на држави и влади, што ќе ја приреди францускиот претседател Емануел Макрон.
Парискиот мировен форум е основан во 2018 година и претставува меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка.
