Правда

Нацрт-кривичниот законик и Законот за кривична постапка доставени до ЕК на мислење

10.11.2026 20:07

По три децении, нов Кривичен законик. Заедно со Нацрт-законот за кривичната постапка, доставен е до Европската комисија на мислење. Тие се дел од реформските обврски преземени во процесот на евроинтеграциите, но и со цел надминување на слабостите во досегашната примена на казненото законодавство, велат од Министерството за правда. Во Собранието, пак, владејачкото мнозинство достави измени на актуелниот Кривичен законик, со кои, како што велат, се зајакнуваат одредбите во делот на конфискацијата на имот, финансирањето тероризам и перењето пари.

Нацрт-кривичниот законик и Законот за кривичната постапка се доставени до Европската комисија на мислење. Продолжува процесот на сеопфатна реформа на казненото законодавство и усогласувањето со европските стандарди, посочуваат од Министерството за правда. Целта е да се создаде законска рамка што ќе овозможи ефикасни истраги, правични судски постапки, еднаква примена на законот и одговорност без исклучоци.

„Новиот Кривичен законик се подготвува по три децении, а заедно со новиот Закон за кривичната постапка треба да обезбеди поефикасна борба против криминалот и корупцијата, поправични судски постапки, подобра заштита на жртвите и поголема правна сигурност за граѓаните“, стои во соопштението од Министерството за правда.

Во предложениот текст, на кој шест години работеше експертска група, предводена од академик Владо Камбовски, се вградени 33 релевантни директиви на Европската Унија, а биле разгледани повеќе од 50 мислења и предлози. Во меѓувреме, по предлог на пратеници од владејачкото мнозинство, Собранието треба да расправа за измените на Кривичниот законик, со цел намалување на ризиците поврзани со членството на државава во СЕПА, единствената европска платежна зона.

Со новиот предлог-закон за кривична постапка, пак, се усогласуваат 25 релевантни европски директиви и стандарди. Меѓу клучните решенија се унапредувањето на конфискацијата, финансиските истраги, електронските докази, посебните истражни мерки, заштитата на жртвите и можностите за одржување рочишта и изведување докази на далечина.

 

Милчо Велески