„Безбеден град“ ја менува сообраќајната слика – за 29 проценти помалку загинати на патиштата
Во првите десет месеци годинава во сообраќајни несреќи загинале 85 лица, наспроти 117 во истиот период лани. Проектот „Безбеден град“ доби и меѓународно признание, освојувајќи прво место на Светскиот полициски самит во Дубаи. Системот од декември ќе се прошири во Струмица и Штип, а од февруари и во Битола.

„Безбеден град“ ја менува сообраќајната слика во земјава. Дисциплината на патиштата станува приоритет, а непочитувањето на правилата сè потешко поминува неказнето. Според податоците на МВР, во периодот јануари – октомври годинава на патиштата загинале 85 лица, наспроти 117 во истиот период лани. Тоа е намалување од 29 проценти. Реформата која со години беше најавувана, сега доби и меѓународно признание. Македонија освои прво место во категоријата за извонредност во сообраќајната безбедност на Светскиот полициски самит во Дубаи. Признанието го доби МВР за проектот „Безбеден град“, во конкуренција со полициските служби на Сингапур, Абу Даби и индиската држава Махараштра, како и Управата за патишта и транспорт на Дубаи.
„Постигнатото, колку и да е значајно, сè уште не е доволно. Сообраќајната безбедност е многу поширока од санкционирањето. Потребни се побезбедни патишта, одржувана инфраструктура, јасна сигнализација и осветлени пешачки премини. Потребни се понов и технички исправен возен парк, квалитетна обука и навремена помош при несреќа. Камерата не може да поправи небезбеден пат или да замени неисправни сопирачки. Секоја надлежна институција мора да го заврши својот дел“, изјави Панче Тошковски – министер за внатрешни работи.
Граѓаните забележуваат промени во однесувањето на возачите, но сметаат дека се потребни континуирани контроли и поголема свест кај сите учесници во сообраќајот.
„Со оглед на тоа дека има финансиски последици, дефинитивно внимаваат повеќе. Мислам дека треба и во помалите места да се обезбедат.“
„Се придржуваат, мораат со казните.“
„Не се пази, добро, сега има некоја контрола, но не е тоа тоа. Треба да има постојано полиција, без полиција ништо, кај граѓаните нема свест многу. Култура апсолутно нема.“
„Со тие камери мислам дека секој возач се пази, спрема условите и брзината. Кога возиш, секогаш мислиш дека некој те снима и секогаш си на штрек, секогаш, и треба така да биде.“
„Безбеден град“ во декември ќе почне да функционира и во Струмица и во Штип, а во февруари и во Битола. Казните за странци наскоро ќе се плаќаат и на Блаце. Булеварите ќе се ослободат од паркирани возила, а ќе се санкционира и погрешно запирање и паркирање.
Покрај камерите, од февруари следната година, полициски автомобили во кои ќе се вградува опрема ќе може да ја детектираат брзината на автомобилите кои се движат.
Министерот Тошковски уверува дека од казна никој не е поштеден.
„Не знаете колкумина ми имаат кажано, министри, директори, црковни лица... скоро да нема ниво кое не ми рекло дека, министер, еве функционира, си платив, ми стигна казната итн“, нагласува Тошковски.
„Безбеден град“ постојано ќе се надградува, вели Тошковски, а целта е таканаречената „Визија нула“ – сообраќај без загинати и тешко повредени. Зашто, како што порачува министерот, сè додека постои и едно дете кое не може безбедно да ја премине улицата, работата не е завршена.
Наташа Гркова-Петрушевска
