Финансии

Собранието го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот

10.11.2026 15:56

Со дополнетиот ребаланс, вкупните приходи се намалуваат за 5,3 милијарди денари и се проектирани на 374,2 милијарди денари, додека расходите се намалуваат на 420,5 милијарди денари. Обезбедени се дополнителни средства за социјални трансфери, здравствена заштита и најранливите категории граѓани.

Собранието го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Со измените, вкупните буџетски приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку од првичните проекции.

Надолна корекција е направена и на расходната страна, при што вкупните расходи се планирани на 420,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува на исто ниво – 46,3 милијарди денари.

Образложувајќи го дополнетиот ребаланс пред пратениците, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека приоритет е зачувување на економската стабилност и одговор на предизвиците предизвикани од продолжените глобални геополитички случувања.

Според неа, со измените се обезбедува стабилност на Буџетот до крајот на годината и сигурност за граѓаните и стопанството.

„Државната каса до крајот на годината е стабилна и е обезбедено финансирање на сите обврски – плати, пензии, исплата на социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплатата на долгови кои доспеваат. Тоа е суштината на одговорното управување со јавните финансии – да се реагира навреме кога околностите го бараат тоа, да се заштитат граѓаните и економијата и, пред сè, да се гарантира дека државата ги исполнува своите обврски“, рече министерката.

Намалувањето на расходите се должи на пониските проекции за стоки и услуги и за субвенции, со цел дисциплинирано трошење и обезбедување дополнителни средства за најранливите категории граѓани и за здравствените услуги.

Со ребалансот се обезбедени дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари за социјални надоместоци, како и дополнителни 887 милиони денари за здравствена заштита.

За Министерството за социјална политика, демографија и млади се обезбедуваат дополнителни 1,8 милијарди денари за поддршка на ранливите категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. Дополнителни 600 милиони денари се наменети за редовна и навремена исплата на породилните надоместоци.

Капиталните расходи се проектирани на 40,1 милијарда денари, со кои продолжуваат вложувањата во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура.

Продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво.