Македонија

Од денес електронско и мобилно банкарство во Алта банка, од утре се отвора експозитурата во Скопје

10.11.2026 18:26

Освен за увид во состојбите на сметките, од денес, клиентите на Алта банка преку електронското и мобилно банкарство имаат можност и да вршат плаќања во рамките на дозволениот лимит. Од утре се отвораат и шалтери во експозитурата во Скопје.

Продолжуваат со работа шалтерите во Битола, Тетово и Струмица, од утре се отвора и експозитурата во Скопје. Од денес за клиентите на Алта банка достапни и електронското и мобилното банкарство.

Целта на овие новини е да се олесни пристапот до средствата и непречено извршување на секокјдневните финансиски обврски, без притоа клиентите да одат по шалтери.

„Клиентите на банката од денес, 10 ноември, ќе можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство, согласно лимитот од 15.000 денари неделно за клиентите кои поседуваат платежни картички и до 20.000 денари (за две недели) за оние кои не поседуваат. Лимитот се применува збирно за сите сметки во банката и ги опфаќа следниве канали: плаќање со картички во трговија или електронска трговија, повлекување готовина од банкомати, повлекување готовина на шалтер во експозитура, како и плаќања преку електронско и мобилно банкарство“, стои во соопштението на Народна банка.

Граѓаните непречено и без проблем ги користат банкоматите и шалтерите во главната експозитура во Битола. Фреквенцијата е намалена, а кај граѓаните постепено се враќа оптимизмот во врска со случувањата

Од Народна банка продолжуваат со активности за  постепено проширување  на банкарските услуги, а во наредниот период се очекуваат и олеснувања за компаниите и другите правни субјекти..

Александра Максимовска