12-то издание на меѓународниот „Битола Шекспир фестивал“
Девет фестивалски денови, театарски претстави од седум земји и премиера на „Кориолан“ во изведба на домашниот ансамбл. Од 14 до 22 ноември, Народниот театар во Битола ќе го организира 12. издание на меѓународниот „Битола Шекспир фестивал“, кој годинава се одржува и во знакот на 82-годишнината од основањето на битолскиот театар.

Битола од 14 до 22 ноември ќе биде домаќин на 12. издание на меѓународниот „Битола Шекспир фестивал“. Годинашната програма носи театарски остварувања од домашни автори и гости од Италија, САД, Ерменија, Романија, Грузија и Малта.
Фестивалот ќе биде отворен на 14 ноември со премиерата на претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во изведба на ансамблот на Народниот театар – Битола, во режија на американскиот режисер Џон Блондел. Претставата досега имала меѓународни гостувања, а сега за првпат ќе биде изведена пред домашната публика на матичната сцена.
Отворањето се совпаѓа со одбележувањето на 82 години од првата претстава на македонски јазик во Битола, изведена на 14 ноември 1944 година, со што биле поставени темелите на најстариот професионален театар во државата.
Годинашното издание има и препознатлив визуелен идентитет. Автор на официјалниот фестивалски плакат е македонскиот илустратор и карикатурист Михајло Димитриевски – Тхе Мичо.
Од Народниот театар – Битола информираат дека за претставите на големата и новата сцена веќе се пуштени во продажба блок-влезници. Фестивалот ќе трае до 22 ноември.
