РСБСП

Од 15 ноември задолжителна зимска опрема во возилата – РСБСП со апел за внимателно возење

11.11.2026 13:52

Од 15 ноември стапува на сила обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе важи до 15 март. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до возачите да ја проверат техничката исправност на возилата, да ја приспособат брзината на условите на патиштата и да одржуваат безбедно растојание, поради зголемениот ризик од сообраќајни незгоди во зимски услови.

Од 15 ноември до 15 март возачите задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема во возилата. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсетува дека управувањето со возило во зимски услови бара зголемена внимателност, одговорност и подготвеност, поради намалената видливост, влажните коловози, снегот и голомразицата.

Согласно законските одредби, за патничките возила со најголема дозволена маса до 3.500 килограми, зимската опрема подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри или летни пневматици со иста минимална длабочина на шарата, но со синџири за снег со соодветна големина за погонските тркала.

За возилата со погон на сите четири тркала (4×4), потребни се зимски пневматици со минимална длабочина на шарата од шест милиметри или летни пневматици со најмалку четири милиметри, заедно со синџири за снег за соодветните тркала, во зависност од видот на погонот.

За товарните возила со најголема дозволена маса над 3.500 килограми, зимската опрема подразбира зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри или летни пневматици со најмалку четири милиметри и синџири за снег или други соодветни помагала. Автобусите и товарните возила кои поради технички причини не можат да постават синџири треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат, како лопата и вреќа со песок.

Од РСБСП предупредуваат дека зимските услови носат дополнителни опасности, меѓу кои лизгави коловози, невидлива голомразица, намалена видливост поради магла и врнежи, подолг пат на сопирање и зголемен ризик од губење контрола врз возилото.

Во рамки на зимската кампања, Советот апелира до возачите редовно да ги следат информациите за состојбата на патиштата, да ја приспособат брзината на условите, да ја проверат техничката исправност на возилата и да одржуваат безбедно растојание.

Се препорачува избегнување нагло сопирање, забрзување и свртување, како и управување возило под дејство на алкохол, психоактивни супстанции или во состојба на замор. Посебно внимание треба да им се посвети на пешаците, велосипедистите и другите ранливи учесници во сообраќајот.

Од РСБСП порачуваат дека безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и дека секоја правилна одлука зад воланот може да спречи сообраќајна незгода и да спаси човечки живот.