Гвардиола можна опција за нов селектор на фудбалската репрезентација на САД
Пеп Гвардиола би можел да ја продолжи тренерската кариера како селектор на американската фудбалска репрезентација. Фудбалската федерација на САД го разгледува Шпанецот како потенцијален наследник на Маурицио Покетино, кој, пак, се поврзува со менаџерската позиција во Манчестер Јунајтед.

Пеп Гвардиола би можел да се врати на тренерската работа, но овојпат во репрезентативниот фудбал. По десет години поминати на клупата на Манчестер Сити, шпанскиот стратег се поврзува со можноста да стане нов селектор на фудбалската репрезентација на САД.
Според најавите, американската фудбалска федерација го разгледува Гвардиола како потенцијален наследник на Маурицио Покетино. Аргентинскиот стратег сè почесто се споменува како кандидат за менаџерската позиција во Манчестер Јунајтед, на местото на Мајкл Карик.
Иако Покетино има договор со американската репрезентација до 2030 година, кој го продолжи по Светското првенство, Манчестер Јунајтед е подготвен да плати обесштетување за неговиот ангажман.
Токму оваа можност ја отвора потребата за избор на нов селектор, а Гвардиола се најде меѓу имињата што се разгледуваат. Засега, сепак, нема потврда дека Шпанецот добил официјална понуда за преземање на американската репрезентација.
