„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на девет филмски фестивали на три континенти
Македонскиот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума, продолжува со меѓународното фестивалско претставување. Во октомври и ноември е селектиран на девет филмски фестивали во Европа, Азија и Јужна Америка, меѓу кои и во натпреварувачките програми во Рејкјавик, Брауншвајг, Севилја и Истанбул. Филмот истовремено се прикажува и во македонските кина.

Вториот долгометражен филм на режисерката Дина Дума „Скејтбордингот не е за девојчиња“ бележи девет фестивалски селекции во октомври и ноември, продолжувајќи го меѓународното претставување по светската премиера на фестивалот „Трибека“ во Њујорк.
Филмот беше прикажан на фестивали во Исланд, Италија, Бразил и Израел, а во ноември е дел и од програмите на фестивалите во Шпанија, Германија, Хрватска, Србија и Турција.
Особено значајни се селекциите во главните натпреварувачки програми на Меѓународниот филмски фестивал во Рејкјавик и фестивалот во Брауншвајг, италијанската премиера во Рим, како и учеството во натпреварувачките програми во Севилја и Истанбул.
Филмот ја раскажува приказната за единаесетгодишната Адела, која преку љубовта кон скејтбордингот се спротивставува на предрасудите и се обидува да ја спаси својата постара сестра од договорен малолетнички брак.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е втор долгометражен филм на Дина Дума, во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со Лабина Митевска како продуцентка. Станува збор за меѓународна копродукција на Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, реализирана со поддршка на Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Паралелно со фестивалските настапи, филмот продолжува да се прикажува и во кината низ земјава. Скопската публика ќе има можност да го погледне на 16 и 17 ноември во Кинотеката на Македонија.
