По 17 години, инспектори на ICAO повторно во земјава – две недели ќе го проверуваат цивилното воздухопловство
Тим инспектори на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) од вчера е во земјава, каде што во наредните две недели ќе ја проверува усогласеноста на македонското цивилно воздухопловство со меѓународните стандарди и регулативи. Проверката се спроведува по пауза од 17 години, на покана на Агенцијата за цивилно воздухопловство, а нејзините наоди и препораки треба да послужат за унапредување на системот и зајакнување на безбедноста.

По пауза од 17 години, тим инспектори на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO) престојува во земјава. Инспекцијата започна на 11 ноември и ќе трае две недели, а целта е да се провери усогласеноста на македонското цивилно воздухопловство со најновите меѓународни стандарди и регулативи.
Од Агенцијата за цивилно воздухопловство посочуваат дека проверката ќе овозможи независна и објективна оценка на состојбите, примената на меѓународните барања, како и идентификување на областите во кои се потребни дополнителни подобрувања.
Директорот на Агенцијата, Драги Стојаноски, истакна дека отвореноста кон независна и непристрасна проверка е важен дел од одговорното управување и градењето доверлив воздухопловен систем.
Тој нагласи дека институциите имаат обврска професионално да се соочат со евентуалните наоди од инспекцијата, бидејќи објективното согледување на состојбите е основа за изнаоѓање соодветни и одржливи решенија.
Препораките од инспекцијата ќе послужат како основа за планирање на идните активности, унапредување на регулаторните и надзорните процеси и дополнително подигнување на безбедноста во цивилното воздухопловство.
Од Агенцијата ја нагласуваат важноста на транспарентноста, професионалната соработка и активното учество на сите субјекти во текот на проверката, со цел утврдените сознанија да се преточат во конкретни мерки за подобрување на системот.
