Куманово: Модуларната болница со нова намена
Модуларната болница во Куманово наскоро со нова намена. Министерството за здравство треба да го разгледа барањето објектот да се пренамени за Одделот за физикална терапија. Болницата како и повеќето на ниво на државата, се користеше за лекување на пациенти од ковид...

Модуларната болница во Куманово, којашто се користеше за лекување на пациентите заболени од ковид, наскоро треба да добие нова намена. Раководството на болницата, бара од Министерството за здравство да овозможи објектот да се пренамени за потребите на одделот за физикална терапија при општата болница. Целта е да се искористи просторот, но и намали метежот.
„Модуларната болница видовте дека е во прекрасна состојба, очекуваме да добиеме потребна дозвола за истата. Тука ќе биде префрлен одделот за физикална терапија. Планот е да биде ставен во функција во двете смени, со што ќе ја намалиме самата листа на чекање на пациентите кои чекаат физикална терапија“, истакна директорот на кумановската болница, Сашо Стошевски.
Претходно ќе се изврши увид за да се утврди дали се исполнети потребните противпожарни и безбедносни услови за работа. Модуларни болници беа поставени во повеќе градови во државата како поддршка на одделенијата, кои немаа капацитет да ги примат пациентите заболени од Ковид-19.
Кумановската болница во меѓувреме ја почна постапката за вработувања на нови 23 специјализанти. Се надеваат дека наскоро ќе се надмине и проблемот со недостиг на помошно технички персонал.
Изминатите четири години околу 170 вработени заминале во пензија, а биле реализирани само осум нови вработувања. Најголем предизвик останува недостигот на анестезиолози.
Елена Георгиевска
