Автопатот Кичево – Охрид во завршна фаза, најавени чартер-летови во текот на целата година
Интензивно се работи на автопатот Охрид-Кичево. Во завршна фаза изградбата на најтешката делница од Извор до Врбјани, која се очекува да биде ставена во функција следниот месец. Министерот за транспорт најавува и нови чартер-летови од Охридскиот аеродром, со најмалку два авиони дневно и туристи надвор од туристичката сезона…

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид влегува во завршна фаза. Пробиени се двете тунелски цевки, завршени се четирите галерии, мостовите и вијадуктите, а најтешката делница од Извор до Врбјани се очекува да биде пуштена во сообраќај во декември. Во тек се безбедносни тестирања на тунелите, министерот за транспорт уверува дека останува на рокот за целосно завршување на автопатот до крајот на мај 2027 година.
„Од градежен аспект целокупната работа е завршена. Она што правиме во моментов е спроведување на најновата европска директива за безбедност во сообраќај, особено во тунели, така што се прават сите потребни тестирања со цел да имаме највисоко ниво на безбедност во рамки на тунелот“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт.
По модернизација и проширувањето на капацитетите на охридскиот аеродром, очекувањата се да продолжи растот на авиосообраќајот со воведување на нови чартер-летови и туристи вон сезона.
„Она што било проектирано за 2030 година, веќе го постигнуваме во 2026 година и ќе продолжи да расте во следниот период. „Мислам дека сме близу до едни големи чартер-тури коишто би значеле најмалку два авиони дневно со туристи надвор од сезоната“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт.
Автопатот Охрид Кичево и модернизираниот аеродром претставуваат два клучни инфраструктурни столба од кои се очекува забрзан туристички и економски развој на регионот.
Соња Рилковска
