Продолжи судењето

17.11.2026 14:31

Во кабарето „Пулс“ имало противпожарни апарати, знаци за излез и панични светла, а и претходно се употребувала пиротехника. Вака сведочеше ќерката на газдата на локалот, Магдалена Јованова.

Во дискотеката „Пулс“ имало функционална задна врата преку која ќерката на газдата излегувала за да пуши. Ова го тврди самата Магдалена Јованова, која рече дека излезот го користеле и луѓето што биле со неа. За време на пожарот не била во клубот. Тврди оти не се мешала во работата на татко ѝ, а пиротехника и претходно се користела во локалот.

„Татко ми ангажираше посебен човек за да ракува со пиротехниката. Десно од бината беше поставена специјална кутија. Се вклучуваше на сезонските отворања и на родендените на клубот. Надвор забележав комбе на кое пишуваше „Пиротехника“- изјави Магдалена Јованова, сведок.
 
Сведочеше и извесна Катерина, долгогодишна другарка на првообвинетиот. Рече дека Јованов не ѝ дозволил да внесе малолетничка во клубот. Столарот, пак, кој без писмен договор бил ангажиран за уредувањето на дискотеката, тврдеше дека во ’24-та имало мало реновирање. Семејствата на загинатите ги оценија изјавите на сведоците како небитни.
 
Во несреќата загинаа 63-ца и околу 200 беа повредени.
 
Анита Димитријевска-Велковска