Култура

„Дамата со камелии“ на 28 ноември на сцената на Националната опера и балет

17.11.2026 18:34

Балетската претстава „Дамата со камелии“, инспирирана од познатата љубовна приказна за Маргарита и Арман, на 28 ноември ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет. Со музиката на Џузепе Верди, кореографијата на Василиј Медведев и под диригентската палка на Едуард Амбарцумјан, публиката ќе ја проследи приказната за љубовта, страста и жртвата. Во главните улоги ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска и Франциско Хименес Руиз.

Балетската претстава „Дамата со камелии“ на 28 ноември, со почеток во 19:30 часот, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет.

Инспирирана од познатата приказна за Маргарита и Арман, претставата ја раскажува љубовната судбина на двајцата главни ликови преку танцот и музиката на Џузепе Верди. Приказната ги обработува темите на љубовта, страста, личната жртва и општествените ограничувања.

Диригент на изведбата е Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореографијата е на рускиот кореограф Василиј Медведев, кој соработува со водечки балетски театри, меѓу кои „Бољшој“ во Москва и „Марински“ во Санкт Петербург.

Сценографијата и костимографијата се дело на Павол Јураш од Словачка, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Во главните улоги на Маргарита и Арман ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска и Франциско Хименес Руиз од Шпанија, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

Со раскошна сценографија, впечатливи костими и кореографијата на Медведев, „Дамата со камелии“ ја пренесува безвременската љубовна приказна преку балетскиот израз и сценските емоции.