Превенција

Најмладата пациентка со цервикален карцином има само 18 години, лекарите повикуваат родителите да ги вакцинираат децата

17.11.2026 19:00

Ракот на грлото на матката годишно зема над 350 илјади животи во светот, иако болеста може да се спречи. На светскиот ден, македонската Асоцијација на гинеколози и опстетричари со апел за редовен скрининг и ХПВ-вакцинација, како за девојчињата, така и за момчињата.

Две 18-годишни пациентки поминале низ голгота со цервикален карцином. 120 жени се разболуваат годишно, половина од нив умираат, покажуваат податоците на лекарите. Не е мала бројката и на мажи кои заболуваат, исто така, од некој тип на карцином, а причина е ХПВ-вирусот. Лекарите повикуваат родителите да си ги вакцинираат децата со деветовалентната вакцина, којашто штити од деветте типа на ХПВ-вирусот.

Лекарите се едногласни дека скринингот е важен, но поважна е превенцијата, бидејќи кај нас на лекар се оди само ако се јави болка.

Опфатот со ХПВ-вакцината е незадоволителен – 50 проценти, процентот на машки деца, пак, е незначителен. Првата доза се прима во седмо одделение, на 12 години, има и ревакцинација. За оние што ќе се имунизираат подоцна се даваат три дози. До 19 години, вакцината е бесплатна.

 

Наташа Јанчиќ-Менковски