Цанов објави нови преписки со Ива Михаилова
Бугарскиот јутјубер Станислав Цанов објави нови пораки и делови од разговори поврзани со случајот на Ива Михаилова. Во нив, според неговите тврдења, таа зборува за притисоци и страв од последици доколку јавно проговори. Од ДАНС негираат дека вршеле притисок врз неа.
Бугарскиот јутјубер Станислав Цанов преку ново видео со пораки и делови од разговори со Ива Михаилова и нејзината мајка, тврди дека тие од него побарале да го повлече видеото во кое Михаилова обвинува за притисок од бугарската тајна служба. Појаснува дека Ива му пишала од истиот профил од кој следниот ден јавно порача дека во Бугарија добила помош и поддршка.
„Ти реално со ништо не си ми помогнал досега. Со ништо. И, поради таа причина, редно е да ги послушам“, вели Ива Михаилова.
„Или што?“ – прашува Станислав Цанов.
„Или нема да биде добро за мене. Јас мојата иднина ја гледам во Бугарија. Не сакам никаде на друго место да одам. Тие можат сѐ да ми саботираат. А, толку многу имам да кажам“, вели Станислав Цанов.
Според Цанов, пораките подоцна биле избришани, но претходно направил видеоснимка од преписката. Во дел од телефонски разговор, пак, со жена која ја претставува како мајката на Ива, вели дека му било побарано во интервјуто да не се споменуваат службите.
„Тоа ми е единствениот услов, ќе ме ликвидираат“, вели мајката на Ива Михаилова.
Во саботата, во првото видео, Цанов емитуваше делови од тајно снимен разговор, во кој Михаилова му објаснува зошто мора да го откаже веќе договореното интервју со него, односно дека од ДАНС ѝ кажале оти прво мора да гостува кај новинарот Мартин Карбовски, кому можеле да му одредат кои прашања да ѝ ги постави. Од агенцијата демантираа дека имало притисок врз Михаилова, дека потеклото на снимките е непотврдено, а нивната веродостојност е недокажана.
„Тука автентично може да ја видите нашата комуникација, во која ние зборувавме по телефон. Имам 15 пропуштени повици, 4 до 5 пораки во кои јас ѝ кажувам, Ива, најголема заштита ти е јавноста. Најголема заштита ти е народот да знае што ти прават, Европа да знае што ти прават“, вели Цанов.
Македонското Биро за јавна безбедност сѐ уште ги испитува околностите под кои Ива Михаилова успеала да ја напушти државата. Директорот Јанев ги отфрли обвинувањата дека таа била следена.
По бегството на Михаилова од Македонија, во Кочанскиот суд ѝ се суди во отсуство, за сообраќајната несреќа на патот Штип-Кочани, во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши. На последното рочиште судот го одби нејзиното барање да учествува преку видеоврска од Бугарија.
Милчо Велески
