Собрание

Опозицијата бара одговорност за пензискиот фонд и Лотарија

18.11.2026 19:26

Обвинувања и барања за оставки од собраниската говорница. СДСМ тврди дека долгот во вториот пензиски столб надминал 50 милиони евра и бара одговорност од раководството на МАПАС и ПИОМ. Левица бара оставка од директорот на Лотарија поради продолжувањето на договорот со бугарска фирма, додека министерката за финансии ги отфрли обвинувањата за селективна наплата на даноците.

Долгот во вториот пензиски фонд се зголемува – тврди опозицијата од собраниската говорница. Ако на почетокот од годинава дупката изнесувала 40 милиони евра, заклучно со октомври таа изнесува над 50 милиони евра – вели Јован Митрески од СДСМ, кој побара оставка од претседателот на Советот на МАПАС и од директорот на ПИОМ.

Одговорните велат дека и да има одложено префрлање на парите од ПИОМ во вториот пензиски фонд, сè е во рамки на законски дозволеното, а финансиската дупка е направена пред да дојде актуелното раководство на власт.

Од Левица, пак, побараа оставка од првиот човек на Лотарија, Александар Кимовски. Велат дека директорот го продолжил договорот со бугарска фирма, а требало да биде раскинат, онлајн платформата продолжила со работа, а требало да биде затворена. Добија одговор дека Законот за игрите на среќа е исклучително рестриктивен, а веќе се иницирани и течат кривични постапки.

Даночните обврски важат подеднакво за сите граѓани, без разлика на етничката припадност, а УЈП има законска можност да проверува неплатени даноци до пет години наназад, одговори министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на прашање на Рина Ајдари од Европскиот фронт, која тврдеше дека даноците селективно се наплаќале.

 

Миле А. Ристески