Пратенички прашања
Обвинувања и барања за оставки од собраниската говорница. СДСМ тврди дека долгот во вториот пензиски столб надминал 50 милиони евра ...

Долгот во вториот пензиски фонд се зголемува – тврди опозицијата од собраниската говорница. Ако на почетокот од годинава дупката изнесувала 40 милиони евра, заклучно со октомври таа изнесува над 50 милиони евра – вели Јован Митрески од СДСМ, кој побара оставка од претседателот на Советот на МАПАС и од директорот на ПИОМ.
Одговорните велат дека и да има одложено префрлање на парите од ПИОМ во вториот пензиски фонд, сè е во рамки на законски дозволеното, а финансиската дупка е направена пред да дојде актуелното раководство на власт.
Од Левица, пак, побараа оставка од првиот човек на Лотарија, Александар Кимовски. Велат дека директорот го продолжил договорот со бугарска фирма, а требало да биде раскинат, онлајн платформата продолжила со работа, а требало да биде затворена. Добија одговор дека Законот за игрите на среќа е исклучително рестриктивен, а веќе се иницирани и течат кривични постапки.
Даночните обврски важат подеднакво за сите граѓани, без разлика на етничката припадност, а УЈП има законска можност да проверува неплатени даноци до пет години наназад, одговори министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на прашање на Рина Ајдари од Европскиот фронт, која тврдеше дека даноците селективно се наплаќале.
Миле А. Ристески
