Кокино - 25 години од откривањето, се уште чека на УНЕСКО
Локалитетот кој ја стави Македонија на светската археоастрономска мапа, слави 25 години. Една од најзначајните праисториски опсерватории во светот, четврто рангирана од НАСА, а сè уште без заслуженото место на листата на УНЕСКО. И покрај меѓународниот интерес и илјадници посетители, локалитетот сè уште не го достигнал својот туристички и научен потенцијал...

Единствена појава на Балканот, а реткост во Европа. Опсерваторија која НАСА ја позиционираше на четвртото место, меѓу најстарите и највредни 15 праисториски опсерватории во светот. 25 години Кокино е важен репрезент на македонската археологија. Го откри археологот Јовица Станковски во 2001 година. Оттогаш е место кое што годишно го посетуваат до 5.000 посетители. Доаѓаат од целиот свет, а особено внимание има од научната фела. Но се уште со услови, далеку од потенцијалот. Од 2009 година го чека своето место на листата на УНЕСКО. Од Управата за заштита на културно наследство на став, неопходно е да почне постапка и Кокино да биде меѓу капиталните проекти.
„Тоа е еден стратешки документ кој што за жал од 2009 година е застанат и треба сега само да се надоврземе на тој документ за да можеме да ја продолжиме останатиот дел од процесот, бидејќи веќе во 2009 година е првата номинација за Кокино каде што номинирано како мегалитска опсерваторија пред УНСЕКО. Има многу работа која што навистина треба во овој период да се заврши затоа што Кокино тоа го заслужува“, истакна Весела Честоева, директорка на Управа за заштита на културно наследство.
„Требаше да биде и мислам дека беше национален проект. Мислам дека требаше да влезе на листата на УНЕСКО, номиниран е но е прифатен се уште но мислам дека не е изгубено. Бев лани и мислам дека прилично е запуштено“, истакна Александар Булатовиќ, Археолошки институт Белград, Србија.
Кумановскиот музеј со поддршка на амбасади, организации, изминативе години работеше на уредување на просторот. Но понатамошниот развој, е условен од решавањето на имотно-правните односи со земјиштето.
„25 години, веројатно 15 интензивно се посетува, рековме го имаме тој проблем што го имаме од почетокот, поради немање на услови за култивирање на тоа земјиште урбанизирање не можеме да понудиме оснвна инфрастурктура на посетители и се надеваме во периодот што следува такво нешто ќе се направи“, посочи Дејан Ѓорѓиевски, археолог во Музеј Куманово.
Установата јубилејот 25 години од откривањето го одбележува со тридневна меѓународна конференција на која учествуваат истражувачи од Македонија и светот, фестивал и изработка на стратешки документ.
Елена Георгиевска
