Собрание

Продолжува расправата за Буџетот за 2027 година

19.11.2026 08:39

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжува расправата за Предлог-буџетот за 2027 година. По тридневната дебата, власта и опозицијата остануваат на спротивставени позиции околу буџетските проекции и развојните приоритети. Седници ќе одржат и Законодавно-правната комисија и Комисијата за социјална политика, демографија и млади, на чии дневни редови се повеќе законски измени во второ читање.

Комисијата за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2027 година. Во изминатите три дена, на седницата владејачкото мнозинство и опозицијата изнесуваа спротивставени ставови за предвидените проекции на државната каса.

За ВМРО-ДПМНЕ, Предлог-буџетот претставува продолжување на фискалната консолидација, одржување на стабилноста на јавните финансии, создавање услови за економски раст и реализација на развојни инвестиции. За СДСМ, пак, станува збор за документ без визија, кој не нуди отчетност ниту развој.

Во Собранието денеска ќе заседаваат и Законодавно-правната комисија, како и Комисијата за социјална политика, демографија и млади.

Пред Законодавно-правната комисија се повеќе предлог-закони во второ читање: за престанување на важењето на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија, за изменување и дополнување на Законот за Фондот за осигурување на депозити, на Законот за земјоделство и рурален развој, на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и на Законот за семејството.

Комисијата за социјална политика, демографија и млади ќе ги разгледа предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување и Законот за семејството, сите во второ читање.