Македонија

ФЗО со акциски план за спроведување на препораките на Државниот завод за ревизија

19.11.2026 13:34

Фондот за здравствено осигурување изготвил акциски план за спроведување на сите препораки од Државниот завод за ревизија во врска со информациската безбедност. Дел од активностите веќе се реализирани, меѓу кои сегментација на мрежата во дата-центарот и назначување одговорни лица за контрола на корисничките пристапи. За преостанатите мерки се утврдени надлежни лица и рокови, кои се движат до 31 декември 2027 година.

Фондот за здравствено осигурување изготвил конкретен акциски план за спроведување на препораките од Државниот завод за ревизија, по утврдените слабости во информациската безбедност на институцијата.

Од Фондот информираат дека во планот се опфатени сите препораки од ревизорскиот извештај, а за секоја од нив се дефинирани корективни активности, надлежни организациски единици, одговорни лица и рокови за реализација.

Дел од активностите веќе се спроведени. Меѓу нив се сегментацијата на мрежата во дата-центарот и назначувањето одговорни лица за администрирање на автентикацијата и контрола на корисничките пристапи.

Акцискиот план предвидува и ажурирање на безбедносните политики и процедури, изработка на ИТ-стратегија, проценка на ризиците, унапредување на контролите за пристап, модернизација на инфраструктурата и безбедносни надградби на постојните информациски системи.

Предвидени се и мерки за зајакнување на човечките капацитети, континуирана едукација на вработените и воспоставување механизми за следење на системските активности, како и за непречено функционирање и заштита на информациските ресурси.

Роковите за спроведување на активностите се утврдени до 31 декември 2027 година, во зависност од сложеноста, техничките предуслови и организациските и финансиските аспекти на секоја мерка.

Од Фондот посочуваат дека утврдувањето конкретни рокови и одговорни лица овозможува следење на напредокот и јасна распределба на обврските. Најавуваат дека ќе продолжат да ја информираат јавноста за реализацијата на активностите и спроведувањето на препораките на Државниот завод за ревизија.