ДЗР

ДЗР откри серија слабости во информациската безбедност на ФЗО

19.11.2026 17:00

Недостиг од кадар, пропуштени тестирања, недоволна заштита. Државниот завод за ревизија го вклучи алармот за ИКТ – безбедноста во Фондот за здравство, институција која пред три години се соочи со сериозен хакерски напад. Оттаму тврдат дека имаат подготвен акциски план за надминување на детектираните слабости...

Нема офицер за сигурност на информацискиот систем, а во секторот за информатика се пополнети само 7 од предвидените 42 работни места. Државниот завод за ревизија откри серија слабости во информациската безбедност на Фондот за здравствено осигурување, од недостиг на стручен кадар до пропусти во контролите и заштитата на податоците. Ревизорите утврдиле дека не биле тестирани ниту процедурите за обновување на резервните копии во случај на инцидент.

По ваквите наоди, од Фондот за здравствено осигурување информираа дека подготвиле акциски план за спроведување на сите препораки на ревизорите, со конкретни задолженија, одговорни лица и рокови.

Останува отворено  прашањето за безбедноста на податоците. 

Во февруари 2023 година, период опфатен со ревизијата, по сајбер-напад, системот на ФЗО беше надвор од функција околу две недели. Беа отежнати постапките за породилни отсуства, боледувањата и исплатите. Системот беше ставен во функција на 20-ти февруари.

 

Фиљана Кока