субванции

Сточарите чекаат исплата на заостанатите субвенции, долговите растат, а цената на млекото паѓа

21.11.2026 13:08

По исплатата на субвенциите за пчеларите и исплатените субвенции за два месеца од 2025 година за млекопроизводителите, следни на списокот се производителите на оризова арпа, информираат од МЗШВ. Сточарите не се задоволни. Велат дека крајот на 2026 година се ближи, долговите треба да ги подмират, а пари не стигаат...

Заостанатите субвенции и натаму им создаваат главоболки на сточарите. Млекопроизводителите очекуваа исплата на субвенции за 16 месеци за литар предадено млеко, а добија само за два. Неизвесност постои и за поддршката за грло добиток за 2026 година. Сточарите се соочуваат со финансиски притисок, додека трошоците за производство не чекаат.

Падот на цената на млекото дополнително ја зголемува загубата кај сточарите.

Од Здружението „Пелагониско Поле“ бараат од премиерот да бидат вклучени во работните групи, со свои идеи и предлози, и да се разгледа можноста за зголемување на субвенциите, како што е примерот во Србија.

Од Министерството за земјоделство информираат дека, по исплатата на средствата за пчеларите, исплатени се близу 65 милиони денари на 3.656 млекопроизводители.

„Поддршката се однесува на млекото предадено во јули и август 2025 година. Субвенциите по грло добиток за 2025 година се исплатени во целост. Следната исплата ќе биде за земјоделците што во 2025 година продале оризова арпа. Средствата за оваа поддршка се обезбедени од Интервентниот фонд“, информираат од МЗШВ.

Покрај сточарите, и земјоделците ја очекуваат финансиската помош за предадената пченица. Велат дека есенската сеидба е во тек и дека, доколку субвенциите не бидат исплатени што поскоро, нема да бидат во можност да ги посеат планираните површини.

 

Александра Максимовска