Потребно е итно постапување

22.11.2026 14:47

Договорот меѓу Обвинителството, МВР и Министерството за социјална политика за итно и координирано постапување при семејно насилство мора да донесе конкретни резултати...

Само пиар да не биде договореното меѓу Обвинителството, МВР и Министерството за социјална политика за координирано итно постапување при семејно насилство, предупредуваат експертите од областа. Правниците, пак, укажуваат дека ниту еден случај не смее да се третира како изолиран инцидент или поединечен случај, туку истовремено мора да се вложува во системска превенција. Иако Протоколот за мултисекторска соработка, воспоставен во 2023 година преку Законот за спречување и заштита од насилство, сепак велат дека го поддржуваат заради унапредување на постојните механизми и интегрирана заштита и поддршка на жртвите, вели за МТВ правничката Маја Атанасова.

Дел од невладините организации излегоа со барања до институциите, жените од сите политички партии и меѓународната заедница: меѓу другото, усвојување на законските измени, најмалку 200 милиони денари во Буџетот за 2027 година за помош и заштита на жртвите, повлекување на штетните измени во образованието, враќање на сексуалното образование и утврдување одговорност за институционалните пропусти и фемицидите.

Откако низата фемициди го вклучи алармот во општеството, Обвинителството, МВР и Министерството за социјална политика договорија итен одговор на секоја пријава за семејно насилство. Таа веднаш ќе стигнува до Обвинителството, а полицијата, обвинителите и социјалните служби ќе постапуваат заедно, без меѓусебно чекање. Ќе се проверува колку е загрозена жртвата, ќе се собираат докази и ќе се преземаат мерки против насилниците.

„Предвидено е итно обезбедување вешт наод и мислење за евентуалните повреди, процена на ризиците и прибирање на сите потребни докази, со што ќе се создадат услови за брзо донесување јавнообвинителска одлука и преземање соодветни дејствија за кривичен прогон.“ - соопштуваат МВР, Обвинителство и Социјала.

Целта е јасна, посочуваат од Обвинителството: жените и жртвите на семејно насилство да добијат заштита навреме, а сторителите да одговараат пред законот.

 

Фиљана Кока