Белград

Три македонски филма на Фестивалот на авторски филм во Белград

22.11.2026 18:59

Три македонски филма во селекцијата на Фестивалот на авторски филм во Белград, меѓу кои и најновото остварување на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“. По премиерата во Белград, филмот наскоро ќе се прикажува во кината во Србија, а македонската премиера е најавена за 29 ноември во Скопје.

На Фестивалот на авторски филм во Белград, на кој се претставуваат најдобрите современи филмски достигнувања, победници на светските фестивали и нови дела од признати автори, се претставуваат и три македонски филма, меѓу кои и „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски.

„Она што публиката го очекува е голем број филмови, особено од регионот, кои се во селекцијата на „Југосфера“, за што за првпат се доделува наградата за најдобар актер „Беким Фехмиу“. Меѓу нив се и филмовите „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски, „Никола, Никола“ на Леон Ристов и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума“, изјави Марина Лучиќ од Фестивалот на авторски филм во Белград.

Филмот „Сестра, брат и шахта“ по вечерашната премиера во Белград наскоро ќе се прикажува во киносалите во Србија, а свечената гала-премиера во Скопје ќе биде на 29 ноември.

„Ова ни е трет фестивал. Премиера имаше во Токио, каде што освои награда „Град“, при што е вторпат во историјата на Македонија наш филм да победи. Потоа беше во Каиро и еве сега во Белград. Идната недела, во недела, е македонската премиера во Филхармонија, што првпат го објавувам“, изјави Милчо Манчевски, режисер.

Фестивалската премиера во Македонија е на 2 декември, на фестивалот „Синедејс“.

 

Оливер Бранковиќ