Над 66 отсто од домаќинствата во Македонија немаат деца, покажуваат податоците на Евростат
Во Македонија минатата година имало вкупно 595.600 домаќинства. Од нив, 393.400 биле без деца, а 202.200 имале издржувани деца. Просечниот број деца по домаќинство изнесувал 0,60, наспроти 0,80 во 2015 година.

Речиси две третини од домаќинствата во Македонија во 2025 година биле без деца, додека 33,9 отсто имале издржувани деца. Иако уделот на домаќинствата со деца во земјава е повисок од европскиот просек, просечниот број деца по домаќинство за десет години е намален за 25 отсто, покажуваат податоците на Евростат.
Во Македонија минатата година имало вкупно 595.600 домаќинства. Од нив, 393.400 биле без деца, а 202.200 имале издржувани деца. Просечниот број деца по домаќинство изнесувал 0,60, наспроти 0,80 во 2015 година.
Просечната големина на домаќинствата во земјава се движела меѓу 3,1 и 3,2 члена, што е над просекот во Европската Унија, каде што изнесува околу 2,3 члена.
На ниво на ЕУ, 76,6 отсто од домаќинствата биле без деца, а 23,3 отсто имале издржувани деца. Уделот на домаќинствата со деца бележи континуиран пад во последните 15 години – од 26,9 отсто во 2010 година на 23,3 отсто во 2025 година.
Истовремено, расте бројот на домаќинства составени од едно возрасно лице без деца. Нивниот удел во ЕУ се зголемил од 33,6 отсто во 2015 година на 37,5 отсто во 2025 година. Наспроти тоа, домаќинствата составени од двојки со деца се намалиле од 16,6 на 14,7 отсто.
Меѓу земјите членки на ЕУ, најголем удел на домаќинства составени од двојки со деца има Словачка со 20,3 отсто, пред Кипар, Чешка и Луксембург.
Најголем удел на домаќинства со едно возрасно лице и деца има Естонија со 9,4 отсто, додека кај домаќинствата со едно лице без деца предничи Литванија со 62,5 отсто.
