Роденденски концерт на Филхармонија со британската трубачка Матилда Лојд
Македонската филхармонија в четврток, со почеток во 20 часот ќе го одржи својот роденденски концерт, со кој ќе одбележи 82 години од формирањето. Концертот е насловен „Заратустра“, а како солистка ќе настапи британската трубачка Матилда Лојд. Диригент е маестро Конрад ван Алфен, а на програмата се Концерт за труба и оркестар во Ас-дур од Александар Арутјуњан и тонската поема „Така зборуваше Заратустра“, оп. 30.

Во 2026 година, Матилда Лојд стана првата трубачка која ја добила наградата за млад уметник на Кралското филхармониско друштво (Royal Philharmonic Society Young Artist Award). Признанието ѝ беше доделено за нејзината блескава музикалност, позитивната енергија што ја зрачи во сè што работи, како и за нејзината посветеност да ги инспирира младите да се занимаваат со музика. Меѓу значајните моменти од сезоната 2025/26 се издвојува и нејзината прва турнеја во Азија, со настапи со Корејскиот национален симфониски оркестар под диригентство на Лоренс Ренес, како и изведбите на Концертот за труба „night-sky-blue“ од Хелен Грајм на фестивалот Gaida во Вилнус и со Националниот оркестар на Би-би-си на Велс. Во мај 2027 година Chandos Records ќе го објави нејзиниот следен проект – снимка на Концертот бр. 1 за пијано, труба и гудачки инструменти од Дмитриј Шостакович, со пијанистот Федерико Коли, диригентот Дима Слободениук и Бергенската филхармонија. Нејзината високо ценета дискографија за Chandos ја одразува нејзината смела уметничка визија и широкиот репертоарски опсег. Меѓу изданијата се издвојува нејзината „впечатлива нова интерпретација“ на Концертот за труба од Мечислав Вајнберг, објавена на албумот „Resonance“ со Лондонскиот симфониски оркестар во 2024 година, за која Gramophone Magazine даде особено позитивна оценка. На албумот „Casta Diva“, снимен со Britten Sinfonia во 2023 година, Матилда интерпретира италијански оперски арии. Нејзиното издание „Fantasia“ за труба и орган, објавено во септември 2025 година, ги поврзува новите транскрипции на барокна музика од Бах, Кребс и Мартини со четири нови дела нарачани од водечки британски композитори. Покрај настапите ширум светот, таа одржува мајсторски курсеви на водечки музички конзерваториуми и универзитети, ги менторира младите британски дувачки музичари преку програмата Future Talent и, како амбасадорка на хуманитарната организација Brass for Africa, ја поддржува употребата на музиката како средство за општествена промена во Кампала, Уганда. Покрај техничката извонредност, Матилда подеднакво внимание посветува на менторството и педагошката работа, особено во своите улоги како професорка по труба на Trinity Laban Conservatoire во Лондон и како раководителка на одделот за труба во програмата OAcademy Global Artist Diploma, наменета за млади професионални музичари во развој. Матилда дипломирала на Trinity College, Кембриџ, и на Кралската академија за музика, а потоа се усовршувала кај Хокан Харденбергер на Академијата за музика во Малме. Матилда е добитничка на повеќе награди на меѓународни натпревари, меѓу кои и првата награда на Меѓународниот натпревар за труба „Ерик Обије“ во Руан, Франција, во 2017 година. Во сезоната 2024/25, Матилда беше номинирана од Barbican и Konserthuset Stockholm за престижната титула ECHO Rising Star. Во рамките на оваа програма одржа 18 концерти на најзначајните европски концертни сцени, меѓу кои Concertgebouw во Амстердам, Wiener Musikverein во Виена и Elbphilharmonie во Хамбург. Во 2026 година Матилда беше одликувана со титулата Associate of the Royal Academy of Music (ARAM), како признание за нејзиниот значаен придонес кон музичката професија. Денес Матилда живее и работи во Берлин и е Yamaha Artist.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.
