Српски државјанин уапсен на Табановце – возел 158 километри на час на делница со ограничување од 80
Системот „Безбеден град“ регистрирал српски државјанин кој на автопатот Демир Капија – Гевгелија управувал автомобил со брзина од 158 километри на час, иако дозволената брзина на делницата е 80 километри на час. Тој бил лишен од слобода на граничниот премин Табановце при излез од државата. Против него ќе биде поднесена кривична пријава за безобѕирно управување со моторно возило.

Српски државјанин на возраст од 59 години бил лишен од слобода на граничниот премин Табановце, откако системот „Безбеден град“ регистрирал дека управувал возило со брзина речиси двојно поголема од дозволената.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 22 ноември, во 19:40 часот, на излез од државата, полициски службеници извршиле проверка на патничко возило „ауди“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.К. (59) од Србија.
При проверката било утврдено дека на 19 ноември, на автопатот Демир Капија – Гевгелија, тој возел со брзина од 158 километри на час, на делница каде што максимално дозволената брзина е 80 километри на час.
Српскиот државјанин бил спроведен во Полициската станица Неготино, а за случајот бил известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за безобѕирно управување со моторно возило.
