Пет земји од Западен Балкан добиваат можност за инстант плаќања преку заедничка платформа
Платформата на клонот на европскиот систем ТИПС за инстант плаќања е подготвена за оперативно функционирање во пет земји од Западен Балкан, меѓу кои и Северна Македонија. Проектот, развиен и управуван од Банката на Италија, ќе овозможи брзи трансфери на пари во реално време, 24 часа на ден, во националните валути на земјите учеснички и во евра.

Северна Македонија, заедно со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, се подготвени за воведување инстант плаќања преку платформата на клонот на европскиот систем ТИПС. Официјалното пуштање во употреба на платформата беше одбележано денеска во Рим, во организација на Банката на Италија, на настан на кој присуствуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Новата платформа ќе овозможи брзи трансфери на средства во реално време, 24 часа на ден, секој ден во годината. Плаќањата ќе може да се вршат во националните валути на земјите учеснички, но и во евра.
Клонот на ТИПС е независна платформа, развиена врз истата технологија како европскиот систем за порамнување инстант плаќања. Заедничката технолошка основа ќе овозможи поблиско поврзување со европскиот платен простор и претставува чекор кон евентуално идно приклучување кон ТИПС.
Проектот започна во јануари 2025 година со потпишување договор за соработка меѓу Банката на Италија и централните банки на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Северна Македонија официјално се приклучи во октомври истата година.
Платформата започна со работа во Босна и Херцеговина и Црна Гора на 20 јули годинава, додека техничките подготовки за нејзино воведување во Албанија, Косово и Северна Македонија беа успешно завршени во ноември. Оперативното функционирање во овие три земји е планирано да започне денеска, 23 ноември.
Проектот е поддржан со финансиски средства од Европската Унија и Светската банка, а дел од земјите учеснички го финансирале своето учество со сопствени средства.
Од Народната банка посочуваат дека воспоставувањето на платформата ќе придонесе за побрзи и поефикасни плаќања за граѓаните и компаниите, зајакнување на финансиската соработка во регионот и усогласување со европските стандарди во платежните услуги. Проектот е дел и од пошироките цели на Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.
