Затворски полицаец приведен при обид за продажба на кокаин – пронајдени дрога, муниција и украден паричник
Против 50-годишниот Р.С. од Струмица е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, неовластено изработување, држење и тргување со оружје и експлозивни материи, како и за кражба.

Затворски полицаец од Струмица бил затекнат при обид за продажба на кокаин пред затворот, додека бил на работа. При претресите во неговиот дом и службените простории биле пронајдени дополнителни количества кокаин, марихуана, дигитална вага, муниција и паричник за кој било пријавено дека е украден. Судот му одредил 30-дневен притвор.
Против 50-годишниот Р.С. од Струмица е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, неовластено изработување, држење и тргување со оружје и експлозивни материи, како и за кражба.
Според информациите од СВР Струмица, на 21 ноември, во близина на затворот во Струмица, полициски службеници го лишиле од слобода пријавениот, кој како затворски полицаец, за време на работното време, се обидел да продаде кокаин на друго лице. При интервенцијата кај него биле пронајдени три пакувања со кокаин.
При претресите во неговиот дом и во службените простории што ги користел во затворот биле пронајдени повеќе пакувања со кокаин, марихуана и дигитална вага.
Во службениот ормар на пријавениот биле пронајдени и куршуми за пиштол, во количина поголема од задолжената муниција за неговото работно место, како и паричник за кој претходно, на 21 ноември, била пријавена кражба.
По известувањето на јавен обвинител и задржувањето во Полициската станица Струмица, осомничениот бил изведен пред надлежен судија, кој му определил притвор во траење од 30 дена.
