Македонија

Македонија напредува 16 места на индексот на ОН за дигитално управување

23.11.2026 13:51

Ова е втор најдобар пласман на земјата од почетокот на мерењата во 2003 година. Подобро рангирање Македонија имала само во 2010 година, кога се наоѓала на 52. место.

Македонија се искачи на 68. место во светот според Индексот за развој на е-влада на Обединетите нации за 2026 година, што е напредок од 16 позиции во однос на претходното рангирање. За првпат земјата влегува во групата држави со многу високо ниво на развој на електронското управување, со подобрени резултати во онлајн услугите, телекомуникациската инфраструктура и човечкиот капитал.

Резултатите ги презентираше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, посочувајќи дека Македонија во 2026 година остварила оценка од 78,4 индексни поени, наспроти 70 поени во 2024 година, кога беше рангирана на 84. место.

Ова е втор најдобар пласман на земјата од почетокот на мерењата во 2003 година. Подобро рангирање Македонија имала само во 2010 година, кога се наоѓала на 52. место.

Според податоците од индексот, Македонија е една од 11-те земји во светот што преминале од групата со високо во групата со многу високо ниво на развој на е-влада. Во оваа категорија се и пет европски држави кои оствариле ваков напредок.

Подобрување е забележано во сите три области што ги оценува индексот. Резултатот кај онлајн услугите е зголемен од 66 на 74 поени, кај телекомуникациската инфраструктура од 75 на 81, а кај човечкиот капитал од 70 на 79 поени. Подобрен е и показателот за електронско учество на граѓаните, од 57 на 65 поени.

Особено висок резултат е забележан кај технолошките функционалности, каде оценката достигнала максимални 100 поени, додека институционалната рамка е оценета со 96 поени.

Сепак, испораката на електронски услуги останува област во која е потребен дополнителен напредок, особено во овозможувањето на граѓаните и компаниите целосно да ги завршуваат административните постапки онлајн.

Андоновски посочи дека индексот на ОН, кој го следи развојот на дигиталното управување во 194 земји со единствена методологија, ќе послужи како основа за утврдување на следните приоритети во развојот на јавните услуги, дигиталната инфраструктура и вештините.

Од Министерството оценуваат дека резултатите се поттик за продолжување на реформите, со цел напредокот во дигиталното управување да се почувствува и во секојдневното користење на услугите на институциите од страна на граѓаните и компаниите.