Станови на попуст
Поевтини станови за млади брачни двојки до 35-годишна возраст. Владината мерка предвидува најмалку 10 проценти од станбената површина во новите објекти да бидат наменети за нив ...

Младите се иднината, ќе се реши едно горливо прашање – велат градежниците за владиниот предлог најмалку 10 проценти од станбената површина во новите објекти да биде наменета за млади брачни двојки до 35-годишна возраст, кои ќе можат да ја купат по цена најмалку 20 отсто пониска од просечната. Сепак, тие бараат разговори за предлогот, законски измени и јасен механизам за реализација на мерката.
Доколку се реализира, мерката нема да влијае врз цената на останатите станови, велат градежниците. Објаснуваат дека тоа зависи од понудата и побарувачката. Сепак, по политичките и банкарските случувања во Србија, очекуваат тие да се одразат и на македонскиот пазар.
Наскоро законското решение ќе се најде пред пратениците – најави премиерот Мицкоски. Можните злоупотреби и манипулации ќе се спречуваат така што попустот од 20 проценти ќе се пресметува врз основа на просечната цена во претходната година, заведена во Катастарот.
Цената по квадратен метар во периферијата на Скопје достигна 1.500 евра, во Ѓорче Петров 2.000, во Кисела Вода 2.300, во Аеродром и Карпош 2.500, а во Центар 3.000 евра. Сепак, има купувачи што можат да си дозволат и станови од 3.500 евра за квадратен метар. По серијата економски кризи во изминативе години, становите станаа луксуз, а многу млади се одлучуваат да живеат под кирија.
Александра Велинова
