Интензивни напади

23.11.2026 15:04

Зеленски потврди – Украина стои зад нападот на руските бродови во близина на брегот на Либија. Модерна руска корвета погодена со поморски дронови. Паралелно со нападите, најавени нови трилатерални разговори за мир.

По интензивните руски напади врз Украина, Киев ги проширува операциите против руските воени и логистички цели надвор од Црното Море. По нападите врз руски бродови во Балтичките води, Зеленски тврди дека украинските сили потопиле руска корвета, оштетиле товарен брод кај Либија и уништиле воен хеликоптер. Кремљ ја примил на знаење изјавата на Зеленски, но засега не ги потврдува наводите.

„Со ова прашање се занимава нашето Министерство за одбрана. Сите информации, доколку проценат дека е соодветно да ги објават, ќе бидат соопштени преку Министерството за одбрана“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.

Нападите предизвикаа осуда во Либија, која побара меѓународна истрага и официјално објаснување од Киев, предупредувајќи дека земјата не смее да стане бојно поле за странски конфликти. Либиската морнарица соопшти дека екипажот на погодениот трговски брод е спасен и дека ситуацијата кај Бенгази е под контрола.

„Ги уверуваме либискиот народ, а особено жителите на Бенгази, дека ситуацијата е под контрола. Нашите вооружени сили имаат капацитети ефикасно да се справат со ваквите закани“, изјави Абу Бакр ал-Бадри – оперативен офицер на либиската морнарица.

Паралелно, Кремљ најавува нова рунда трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД. Датумот не е утврден, а како можна локација се споменува Абу Даби. Во меѓувреме, американскиот претставник Кушнер повикува на заедничко разгледување на безбедносните гаранции за Украина и идниот безбедносен поредок во Европа.

„Безбедносните гаранции за Украина не можат да се финализираат изолирано од повоената безбедносна архитектура на Европа. Двете прашања мора да се разгледуваат заедно“, се наведува во објава на Џаред Кушнер – специјален претставник на САД.

Киев, пак, смета дека најсигурна гаранција би било членството во НАТО.

„Зошто едноставно да не ја примиме Украина во НАТО? Зарем тоа не би било подобро за сите? И посигурно кога станува збор за реална заштита на безбедноста?“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Од Берлин, германскиот министер за надворешни работи упати директен повик до Путин да ја запре војната.

„Господине Путин, запрете ја оваа војна. Дојдете на преговарачката маса. Склучете мир во Европа“, изјави Јохан Вадефул – министер за надворешни работи на Германија.

Но, додека дипломатите бараат заедничка безбедносна рамка, на украинскиот фронт нема затишје.

 

Бојана Крстевски