Дебата за извештајот

23.11.2026 17:57

Дебата за европскиот извештај за напредокот на Македонија во Собранието. Претседателката Сиљановска – Давкова порачува: ништо нема да не поколеба да продолжиме по европскиот пат ...

„Секој што мисли дека услов се само уставните промени не е искрен – добрососедските односи треба да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за блокади“, посочи претседателката Сиљановска-Давкова на седницата за Европскиот извештај за напредокот на Македонија.

„Македонија е меѓу државите со најголемо ниво на подготвеност, стопроцентна усогласност со европската надворешна и безбедносна политика, има напредок во Реформската агенда, во дигитализацијата и образованието. Но, треба да се забрзаат реформите на правниот систем, јавната администрација, борбата против корупцијата и законите да се спроведуваат во пракса“, рече евроамбасадорот. Рокас повтори дека уставните промени се услов за следната фаза од евроинтеграцијата.

Првите луѓе на собраниските тела за евроинтеграции, Филипче и Милошоски, не можат да се согласат дали уставните промени се предавство или херојство.

Според Милошоски, најголем тест дали ЕУ е сериозна за прием на кандидатките од Западен Балкан според заслуги, а не билатерални спорови, е приемот на Црна Гора, без или со нови барања.

 
Ирина Гелевска