Интерпелација за Славески
СДСМ поднесе интерпелација за работата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради одлуката за издавање дозвола за работа на Алта банка.

Поради низа неодговорени прашања и давање сомнителна дозвола за работа на српската Алта банка во земјава, СДСМ поднесе интерпелација за работата на гувернерот Трајко Славески.
Претседателот на СДСМ, Филипче, вели дека гувернерот немал соодветни и логични одговори на надзорната расправа за тоа како е одлучено Алта банка да добие дозвола за работа и покрај предупредувањата, според Филипче, дека станува збор за криминална банка и пералница на пари. Славески го урива кредибилитетот и независноста на Народната банка, велат од „Бихаќка“.
„Сето ова, пред сè, го засега интегритетот на Народната банка. Трајко Славески не може да си поигрува со оваа сериозна институција на тој начин што ќе донесе ваква криминална банка кај нас, загрозувајќи ја стабилноста на финансискиот сектор и финансиите, односно парите на граѓаните, кои сега не можат да дојдат до тие средства“, порача Филипче.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат, Филипче е нервозен затоа што ќе се најде решение за Алта банка. Во време на СДСМ банките пропаѓаа, се затвораа, а блиски до кланот Заеви се богатеа. Откако Филипче и СДСМ видоа дека банката е ликвидна и нема да пропадне, тргнаа со лични навреди и лаги.
„СДСМ и Филипче обвинуваа, па самите се најдоа во ситуација да објаснуваат зошто токму во нивно време биле направени чекори поврзани со продажбата на акциите. Ги претставуваа Давор Мацура и Алта банка како спорни, за на крајот да се испостави дека тие биле првите што дозволиле да се купат акции од Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во среда продолжува надзорната расправа во Собранието за Алта банка. Првата аукција за продажба на банката е закажана за 30-ти ноември. За купување заинтересирани се четири домашни и две странски банки.
Миле А. Ристески
