Економија

Фирмите со сметки во „Алта банка“ од денеска неограничено ќе располагаат со новите приливи

25.11.2026 09:34

Во меѓувреме, продолжуваат да важат ограничувањата за останатите трансакции. Клиентите со платежни картички можат да располагаат со најмногу 15.000 денари неделно, додека за клиентите без платежни картички лимитот е 20.000 денари во период од две недели. Ограничувањата се однесуваат збирно на сите сметки и канали за плаќање и повлекување средства.

Правните лица кои имаат сметки во „Алта банка“ – Битола од денеска ќе можат без ограничување на износот да располагаат со новите приливи на своите сметки, доколку средствата се префрлени од платежни сметки отворени во други банки и даватели на платежни услуги. Ова го соопшти Народната банка, од каде што информираат дека мерката е дел од активностите за проширување на пристапот на клиентите до сопствените средства.

Физичките лица и досега имаа можност целосно да располагаат со новите приливи од други банки, вклучително и платите, пензиите и социјалните трансфери. Средствата може да ги користат преку електронско и мобилно банкарство, платежни картички или подигање готовина на шалтерите на банката.

Во меѓувреме, продолжуваат да важат ограничувањата за останатите трансакции. Клиентите со платежни картички можат да располагаат со најмногу 15.000 денари неделно, додека за клиентите без платежни картички лимитот е 20.000 денари во период од две недели. Ограничувањата се однесуваат збирно на сите сметки и канали за плаќање и повлекување средства.

Продолжуваат со работа и филијалите на „Алта банка“ во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во скопскиот Трговски центар „Бисер“. Таму клиентите можат да подигаат готовина во рамките на утврдените лимити и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

Од Народната банка информираат дека продолжуваат внимателно да ја следат состојбата во банката и да преземаат активности за олеснување на пристапот на клиентите до нивните средства и непречено извршување на платежните услуги.