Историски меморандум за соработка со американската Царина
Царинската управа и Министерството за внатрешна безбедност на САД го финализираат меморандумот за разбирање, кој наскоро треба да биде потпишан. Директорот Бобан Николовски најавува историски исчекор во соработката, побрза размена на информации, нови технологии и напредни обуки за поголема безбедност на границите и поефикасни царински контроли.

Царинската управа и Министерството за внатрешна безбедност на САД интензивно работат на финализирање на Меморандумот за разбирање, кој наскоро треба да биде склучен меѓу двете институции. Потпишувањето на овој документ со американското министерство, под чија надлежност е и Царинската и гранична служба на САД, е од историско значење за државата. Ова го истакна директорот Бобан Николовски при неговото гостување во централниот дневник на Македонската радио-телевизија.
Иницијативата е договорена за време на работната посета на директорот Николовски на САД. За нејзината реализација, Николовски упати благодарност до Американската амбасада и до Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), која функционира во рамките на Кривичниот оддел при Министерството за правда на САД. Според директорот, посетата на Царинската и гранична служба на САД претставува награда и признание за заложбите на Царината во областа на граничната безбедност, а нејзиното значење е уште поголемо бидејќи ваква посета се реализира за првпат во историјата на Царинската управа.
„Ова е историски момент, бидејќи ваква работна посета, на која е договорено потпишување на Меморандум за разбирање, досега не се случила, а токму ова раководство на Царинската управа го направи тој чекор. Она што ќе го добиеме како прогрес во Царинската управа ќе биде видливо на целата територија на државата. Ова значи побрза размена на информации во нулто време, нови технологии во работењето и нови напредни обуки“, истакна директорот.
Николовски вели дека заедничката цел е јасна: побезбедни граници, поефикасни царински контроли и олеснување на легалната трговија.
Преку силни меѓународни партнерства, современи методи за анализа на ризик и посветена институционална соработка, остануваме цврсто определени за модернизација на Царинската управа и зајакнување на нејзините оперативни капацитети, во интерес на нашата држава, економијата и безбедноста на граѓаните.
