МВР

Во меѓународна операција „CARBACK II“ проверени 3.944 возила, одземени 67 и лишени од слобода две лица

25.11.2026 14:00

Во периодот од 28 септември до 9 октомври 2026 година, Министерството за внатрешни работи учествуваше во меѓународната оперативна акција „CARBACK II“, организирана од ИНТЕРПОЛ, а насочена кон сузбивање на криминалот со моторни возила.Во текот на оперативните активности извршени се 3.944 проверки на возила на повеќе контролни пунктови, гранични премини и критични точки низ државата.

Во периодот од 28 септември до 9 октомври 2026 година, Министерството за внатрешни работи учествуваше во меѓународната оперативна акција „CARBACK II“, организирана од ИНТЕРПОЛ, а  насочена кон сузбивање на криминалот со моторни возила, идентификување и разбивање на организирани криминални групи инволвирани во кражби, криумчарење и недозволена трговија со моторни возила, откривање возила поврзани со осигурителни, лизинг и други финансиски измами, како и унапредување на меѓународната полициска соработка и размената на оперативни и разузнавачки информации.

Во операцијата учествуваа повеќе организациски единици на Бирото за јавна безбедност, меѓу кои Секторот за меѓународна полициска соработка, Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за гранични работи и миграции со сите регионални центри за гранични работи и мобилните единици за компензаторни мерки, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за униформирана полиција, Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, Одделот за криминалистичко разузнавање и анализа, Одделот за граѓански работи, како и сите сектори за внатрешни работи.  Активно учество и допринос дадоа и Царинска управа, Управа за јавни приходи, Државен инспекторат за труд, Државен пазарен инспекторат  и Државниот инспекторат за животна средина. 

Во текот на оперативните активности извршени се 3.944 проверки на возила на повеќе контролни пунктови, гранични премини и критични точки низ државата. 

Во врска со откриените случаи лишени од слобода се две лица. Како резултат на преземените активности, одземени се 67 возила.

Паралелно со полициските контроли, беа спроведени и координирани инспекциски надзори во 17 правни субјекти кои вршат продажба на возила и половни автомобилски делови. 
При овие надзори биле контролирани 809 возила, од кои 59 биле одземени.

Со учеството во оваа меѓународна операција, Министерството за внатрешни работи ја потврдува посветеноста на континуираното унапредување на меѓународната и меѓуинституционалната соработка, размената на оперативни информации и заедничкото дејствување во откривањето и сузбивањето на организираниот и прекуграничниот криминал.