Животна средина

Над 60 млади учествуваа на едукативни работилници за климатски промени и заштита на животната средина

31.10.2026 09:50

Над 60 средношколци учествуваа на две интерактивни едукативни работилници посветени на климатските промени и заштитата на животната средина, организирани од СВТ Алумни Скопје со поддршка од Град Скопје.

На 30 октомври 2026 година, во просториите на СЕПУГС „Васил Антевски - Дрен“ во Скопје, се одржаа две еднодневни едукативни работилници во рамките на проектот „Зелени алумни - Млади за климатска акција во Скопје“, кој го реализира Здружението на алумнисти на програмата СВТ - СВТ Алумни Скопје, со финансиска поддршка од Град Скопје.

На работилниците учествуваа над 60 млади лица, кои имаа можност да стекнат нови знаења за климатските промени, управувањето со отпад, заштитата на животната средина и значењето на одржливите животни навики.

Преку интерактивен пристап, групни активности, практични примери и отворени дискусии, учесниците ги разгледаа актуелните еколошки предизвици и можностите за активно вклучување на младите во нивното решавање. Посебен акцент беше ставен на индивидуалната и колективната одговорност, како и на значењето на секојдневните навики во зачувувањето на животната средина.

Реализацијата на работилниците претставува значаен чекор кон подигнување на еколошката свест кај младите и поттикнување на нивното активно учество во локални еколошки иницијативи.

Проектот „Зелени алумни - Млади за климатска акција во Скопје“ има за цел да придонесе кон унапредување на животната средина преку едукација, волонтерски акции и подигнување на јавната свест, позиционирајќи ги младите како активни носители на позитивни промени во заедницата.